Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ги повика медиумите кои известуваат за погребот на трагичните жртви во Северна Македонија веднаш да ги избришат фотографиите и да ги усогласат своите извештаи со етичките и професионални стандарди.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) исто така ги повика медиумите да известуваат согласно претходно утврдениот протокол и основните етички принципи.
НУНС оцени дека објавувањето шокантни и вознемирувачки фотографии од страна на некои медиуми е длабоко неморално и неприфатливо. Според нив, објавувањето снимки од гробни места, членови на семејствата и приватни моменти претставува директно кршење на етичките стандарди и нарушување на достоинството на засегнатите лица.
„Кодексот на новинарите на Србија експлицитно забранува известување за погреби на приватни лица, а новинарите се должни да ја почитуваат приватноста, достоинството и интегритетот на луѓето. Објавувањето фотографии од погреби не е во јавен интерес“, се вели во реакцијата на НУНС.
Во исто време, тие го повикаа Министерството за информации и телекомуникации да реагира на известувањето на порталите Република, Курир, Блиц, Ало, Телеграф и Мондо, кои објавија содржини што, според нив, го нарушуваат достоинството на жртвите и нивните семејства