„Ни Баба Ванѓа да станела од гроб, не можела да го предвиди, а камоли јас како обичен човек“ – рече Салиу на судењето за пожарот во Кочани

Министерот без ресор, Салиу демантира дека на судењата доаѓа со службено возило и вели дека вчера на Анкетната комисија во Собранието било злоупотребено неговото име

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

Еден од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“, министерот без ресор, Шабан Салиу се обрати од судницата на денешното рочиште, при што порача дека 9 години немал никаква фактичка или правна врска со институцијата ДЗС во која тој беше директор во периодот од 2012-2017 година. Вели дека нема вина за трагедијата. Тврди дека обвинението против него е неосновано.

-Обвинението против мене е засновано врз претпоставки – можел да знае, требал да знае, имал обврска, можеби и слично. Правно е недозволено обвинението да се заснова на некакви претпоставки, без да се има во предвид мојата чесност при раѓање. Се надевам дека правдата секогаш на крај победува, кажа Салиу во своето обраќање.

Според неговите зборови, вели дека е обвинет за евентуална умисла дека уште од 2012 до 2017 бил свесен и дека знаел дека ќе се случи настанот на 16-ти март 2025 година.

-Ова не може ни Баба Ванѓа да станела од гроб да го предвиди, а камоли јас како обичен човек. Описот на кривичното дело во обвинението не може да има каузална врска со тоа што се случило во кабарето Пулс, додаде министерот без ресор. Потенцира дека во периодот кога бил директор на ДЗС, никогаш не пристигнале документи, елаборати или план со барање за давање на согласност, од страна на дискотеката „Пулс“.

Салиу демантира дека на судењата доаѓа со службено возило и вели дека вчера на Анкетната комисија во Собранието било злоупотребено неговото име.