Ни се кратат околу 140 милиони денари, порача Костадинов по одлуката општина Струмица да не добие средства од унгарскиот кредит

од Nikola Popovski
71 прегледи

Средствата кои ни се кратат нам како струмичани се околу 140.000.000 денари, вели градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов откако во јавноста беше обелоденето дека неговата општина е меѓу четирите кои нема да добијат финансиски средства од Владата за исполнување на проекти.

Костадинов тврди дека „истите тие пари директно од џебот на секоја струмичанка и струмичанец од градот и од секое наше село ќе бидат користени да се враќа унгарскиот кредит“.

-Ќе бидеме задоволни доколку истиот износ од 140 милиони денари се насочи за научни истражувања во МАНУ, нека имаат зголемен буџет, нови лаборатории, барем да ја ублажиме неправдата, објави градоначалникот на социјалните мрежи.

-Па мислам дека Општина Струмица не доби затоа што конкурираше со проект којшто веќе е почнат и проект којшто веќе има избран изведувач, којшто е во тек. И апелирам еве до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15-ти ноември да поднесе нови проекти коишто би можеле да ги финансираме, рече попладнево премиерот Христијан Мицкоски за одлуката за средствата за општините.

Со 250 милиони евра од унгарскиот заем ќе се финансираат 274 проекти во 77 општини. Парите легнаа на сметка на Народна банка и ќе бидат трансферирани во централниот буџет. Уште 250 милиони евра ќе одат за компаниите.

Четирите локални самоуправи што не добија пари: Град Скопје, Струмица, Сарај и Теарце до 15-ти ноември може да поднесат нови проекти и повторно да се обидат да добијат финансирање од централниот буџет. Дел конкурирале со веќе отпочнати проекти.

Од Министерството за финансии информираат дека втората транша од половина милијарда евра од заемот од унгарската банка ќе се искористи за отплата на еврообврзницата што доспева во јануари 2025-та година.

Во тек се преговори со унгарската банка за условите за вториот дел од заемот од 500 милиони евра за исплата на еврообврзницата во јануари догодина.

Слични содржини