„Ние Бугарите одлучуваме кои сте вие“: Црвен картон за Џамбаски од МНР

од Берта Китинска
216 прегледи

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, прати официјална протестна нота до Бугарија поради последната изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој го навредуваше премиерот Димитар Ковачевски. Тој покажа и територијални претензии со тоа што зад него додека говореше имаше карта на Голема Бугарија, односно и Македонија беше прикажана како дел од Бугарија.

„Иако се обидувавме да го игнорираме, овојпат ги надмина сите граници на провоцирање. Според сите меѓународни и билатерални договори има основа да се реагира до бугарската држава, бидејќи искажува територијални претензии и навредлив говор“, рече Османи.

Министерството за надворешни работи преку амбасадата во Софија, упати вербална нота, со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

„Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји“,се вели во нотата.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон вели дека изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски е навреда за македонските граѓани и секоја провокативна, неприфатлива и навредлива изјава бара реакција. На заедничката прес-конференција со македонскиот колега Бујар Османи, таа кажа дека се надева дека Македонија ќе испрати дипломатска нота, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на Џамбаски.

Бугарскиот европратеник во видео на Фејсбук, стоејќи пред карта на голема Бугарија, кажа, меѓу другите навреди, дека Македонија нема никаква историја пред 1944 година и дека Бугарите одлучуваат кои се Македонците.

„Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски. Се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда кон граѓаните на Република Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности и изјави. Сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови, ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението“, рече Фајон.

Oткако македонскиот премиер, Димитар Ковачевски кажа дека не знае кој е бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, тој му порача на македонскиот премиер дека не е важно дали го познава или не, бидејќи тој и неговите сопартијци знаат кој е тој и од какво семејство потекнува.

„Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите меѓу Заев и Борисов. Носеше папки, вршеше бирократски работи, како машка секретарка. Тоа е задачата на исполнувачите на туѓа волја. Тој е фасада, ја исполнува агендата на Белград и Кремљ“, вели Џамбаски во видеото.

Џамбаски додаде дека Ковачевски тврди дека македонизмот бил изворен, но тој според него е антибугарска, фашистичка идеологија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија.

Џамбаски додаде дека Македонија нема никаква историја пред 1944-та година, и повторно ја спори посебноста на македонскиот јазик. Тој покажуваше мапа на која Македонија е споена со Бугарија.

Европратеникот се осврна и на личното име на премиерот Ковачевски кое било бугарска Али Експрес верзија.

„Ковачевски тврди дека македонскиот јазик е единствен. Но тој е дијалект на бугарскиот јазик и тоа го докажува секој лингвист. Македонизмот и македонскиот идентитет ГМО исто како и неговото име. Тој не е Димитр туку Димитар. Неговото име е бугарска али експрес верзија“, кажа тој.

Македонскиот премиер кажа дека македонизмот секогаш ќе постои.