Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова вели дека не е информирана за блок во ВМРО-ДПМНЕ кој е на идеолошка линија за уставните измени, но никогаш не се знае ништо и дека се е возможно во политиката.
-Се надевам дека нема да биде тоа прибежиште како што беше пред последните уставните измени, бидејќи секој пратеник треба сам да одлучи и да реши како ја гледа државата и каде. Од почетокот на процесот повикувам на пронаоѓање консензус и дијалог. Ова не е прашање за политички поени на политичарите, туку прашање за секој поединец и каков квалитет на живот ќе им понудиме на граѓаните. Дали треба да чекаме уште долго во чекалната или ќе го фатиме брзиот воз за во ЕУ. Сите имаме одговорност кон граѓаните. Наместо да кажуваме кој е предавник или патриот, треба да нудиме решенија како ќе го водиме процесот, рече меѓу другото Зајкова во вестите на Тв Сител.
Ова следува откако денеска шефот на дипломатијата, Бујар Османи рече дека постои проевропски блок во најголемата опозициска партија кој би гласал за уставните измени.
-Има луѓе во таа партија, според моите информации кои сметаат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Се исцрпуваат веќе сите можности да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, не велам дека се исцрпени, но затоа паралелно ќе работиме со оваа идеолошка линија која што ја сака оваа држава, ја сака нејзината иднина и ја гледа како европска, кажа министерот.