Никој не може да нè отчлени од НАТО, тврди Милошоски

од Nikola Popovski
940 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски смета дека употребата на терминот „Македонија“ не го прекршува Договорот од Преспа.

„Мицкоски, како и претседателката Силјановска Давкова, истакнаа дека ќе ги следат формално-правните текови на комуникација засновани на новата реалност, додека во однос на разговорната употреба во своите јавни настапи ќе го користат терминот „Македонија“ што сметам дека не е во спротивност со членот 7 од Договорот од Преспа, каде што е јасно дефинирано дека секоја од страните може да го користи терминот „Македонија“ и терминот „македонски“, изјавил Милошоски за ТВ21.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицкотакис обелодени дека прашањето за почитување на Преспанскиот договор ќе го покрене на следниот Самит на НАТО во Вашингтон, кој треба да се одржи кон средината на јули, но сепак, како што додаде, „се надева дека логиката ќе надвладее кај властите во Скопје“.

Милошоски оценува дека прашањето за Договорот од Преспа во Грција е покренато поради претстојните европски избори што ќе се одржат во земјата на 9-ти јуни и дека на темата Македонија, и Мицотакис и грчката опозиција се обидуваат да добијат политички поени.

„Што се однесува до Северноатлантската алијанса, и Грција и Македонија се членки и никој не може никого да исклучи од овој воено-политички сојуз. Ако Грција мисли дека треба да се потроши дипломатски и политички капитал по ова прашање, тогаш е нивна проценка“, вели Милошоски.

Во изјава за грчките медиуми во изминатиот викенд, Мицотакис воедно додава дека Грција во ова не е сама, бидејќи слични пораки до новата власт упатиле Европа и САД, за целосно почитување на договорот од Преспа и користење на придавката „Северна“.

Пред неколку дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на силните реакции од грчката страна за неупотребата на „Северна“ изјави дека негово лично право е како ќе ја нарекува неговата држава додека дава изјави пред новинари или има јавни настапи.

Слични содржини