Насилното одземање на основното право на живот, особено кај дете, не е само чин на суровост и бруталност, туку директен напад врз човештвото, рече обвинителката Жаклина Трајковска во завршниот збор за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Во Основен Кривичен суд Скопје, таа денеска истакна дека ваквите злосторства заслужуваат „не само правна, туку и длабока морална осуда“.
Мотивирани од ветени високи парични суми, како што посочи, обвинетите создале „филмско сценарио, морбиден план“.
-Со изведените докази обвинителството докажа дека обвинетите го сториле кривичните дела што им се ставаат на товар, нагласи обвинителката.
Поточно, дека обвинетите Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев извршиле две убиства и две грабнувања, додека, Александар Ѓорчевски едно кривично дело грабнување.
Обвинителката посочи дека осудените не покажале ни најмал знак на човечност при грабнувањето на Вања, иако, како што рече, имаат сопствени деца.
-По убиството на Панче, никој од обвинетите не реагирал со човечко чувство, рече таа.
На последното судење беа изведувани дополнителни докази од одбраната на Палевски, Видевски и Ѓорчевски. Според обвинението, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања за да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп, а грабнувањето на Жежовски во Велес пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на Вања.
Првообвинет е Љупчо Палевски, а меѓу 5-темина обвинети е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември, а на 3-ти декември 2023-та година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.