Никола Јокиќ и неговите соиграчи не мораа долго да чекаат за да дознаат кој ќе ги предводи во наредната НБА сезона. Клубот од Колорадо официјално објави дека Дејвид Аделман е назначен за нов главен тренер на Денвер Нагетс.
Аделман, кој досега беше дел од стручниот штаб, ја заврши регуларната сезона како привремен тренер, освојувајќи три победи пред почетокот на плејофот и обезбедувајќи го четвртото место за Нагетсите. Под негово водство, тимот ја помина првата рунда од плејофот елиминирајќи ги ЛА Клиперс и беше само на една победа од финале на Западната конференција.
View this post on Instagram
Синот на легендарниот Рик Аделман – славниот тренер на Сакраменто Кингс од времето на Владо Дивац и Пеџа Стојаковиќ – успеа да ги убеди челниците на клубот дека е подготвен за водечката улога. Дејвид Аделман има 43 години, а со тренерска работа започна во 2002 година во колеџ лигите. Во НБА лигата е од 2011 година, каде што работел во стручните тимови на Минесота Тимбервулвс и Орландо Меџик. Во Денвер пристигна во 2017 година и беше важен дел од тренерскиот тим на Мајк Малоун.
Сега, како главен тренер, го чека голем предизвик. Најважната задача за Аделман ќе биде да создаде силна екипа околу Никола Јокиќ и да се обезбедат засилувања кои ќе му помогнат на српскиот ас во обидот Денвер да стигне до втората шампионска титула во својата историја.