Николоски: Цела година зборувавме со Брисел за проблемот на превозниците, но досега немаа слух

-Има три можни решенија за да не запре македонската, регионалната и европската економија, вели вицепремиерот за блокадите на превозниците

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски искажа поддршка за протестот на превозниците. Според него, ова е предупредувачки протест, при што превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10-ти април натаму. Смета дека во следните месеци, земјите-членки на Шенген-зоната треба да изнајдат решение.

-Има три возможни решенија – првото е да се одложи примената на новиот Електронски систем за превозниците, второто е да се зголеми бројот на денови за превозниците во Шенген-зоната, најмалку на 250 денови и третото решение е да не се третираат професионалните возачи како туристи туку како што треба и врз основа на тоа да бидат исклучени од овие правила или со работни визи тоа да се уреди. Се спротивно од ова ќе има големи последици за македонската и европската економија. Најголем дел од странските инвестиции во целиот регион се од земји-членки на Шенген-зоната и ЕУ, кажа Николоски.

Вицепремиерот вели дека цела година предупредувале и зборувале со претставници на Европската комисија, но, досега немало слух. „Мислам дека после ова ќе имаат слух и ќе најдат решение за да не запре регионалната економија“. Се надева на позитивно решение.

-Во петокот зборував со министерот за транспорт на Грција, во среда ќе одам во Загреб да се сретнам со тамошниот министер, ќе се обидам да искомуницирам и со останатите земји кои ни се директни или индиректни соседи, кажа вицепремиерот.