Запрашан за неговите обвинувања кон заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска и дали смета дека во Брисел ќе се налутат поради непочитување, вицепремиерот и министер, Александар Николоски денеска порача „нека се лути кој сака“, а за првиот човек на НАТО, Марк Руте вели дека „сигурно и него во Холандија го напаѓаат затоа што долго беше политичар“.
-Јас немам влакна на јазикот и зборувам тоа што го мислам. Никогаш не се самоцензурирам и не мислам дека тоа е начин на водење на јавна дебата. Јас она што го кажав при изборот на јавниот обвините е истото она што и го кажав на Шекеринска на дуел. Тоа не е нова работа. Го имав кажано во 2019 година кога она беше министер за одбрана. Јас тогаш ѝ кажав дека има подготвено мастер-план за затворање на ВМРО-ДПМНЕ и точно е дека тоа постоеше. Единствената причина зошто не се реализира тој мастер-план е затоа што летото истата година, излегоа снимките со торбата пари за Катица Јанева и пропадна целиот проект СЈО. Да не се случеше торбата пари за Јанева, прашање е сега дали ВМРО-ДПМНЕ ќе постоеше во форма во која што денес ја познаваме, кажа Николоски во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“.
Пред неколку дена, Николоски од собраниската говорница рече Шекеринска имала план преку судски одлуки да го забрани дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ и да ја прогласи партијата за терористичка организација.
-Оваа што е генерален секретар на НАТО целта ѝ беше со судска одлука да го затвори ВМРО-ДПМНЕ и да го прогласите за терористичка организација, рече Николоски.