Николоски: Дрско му одговорив на бугарскиот новинар бидејќи БГНЕС постојано провоцира и вадат приказни надвор од памет

„Сопственикот на БГНЕС излезе на Бугарската национална телевизија и кажа: „Вработени на  пристаништето во Бургас му кажале дека Коридорот 8 нема да се изгради затоа што Русите ме контролирале мене и Караџов и дека ние лажеме и нема да го изградиме“. За мене вели дека „покрај Русите, ме контролирале и Грците и Србите“. Во 21 век вакви приказни се надвор од памет“, истакна Николоски

од Nikola Popovski
27 прегледи

„Една новинска агенција (во Бугарија), по некоја случајност во сопственост на скопјанец, е цело време таа која провоцира. Се работи за БГНЕС. Настапот беше токму од БГНЕС, за вечерта сопственикот на БГНЕС да излезе на бугарската национална телевизија „БНТ“ и да каже: „Вработени на  пристаништето во Бургас му кажале дека Коридорот 8 нема да се изгради затоа што Русите ме контролирале мене и Караџов и дека ние лажеме и нема да изградиме“. За мене вели дека „покрај Русите, ме контролирале и Грците и Србите“. Во 21 век вакви приказни се надвор од памет. Затоа бев така дрзок во одговорот“, изјави синоќа вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски запрашан за потпишувањето на Договорот за изградба на меѓуграничниот тунел на пругата од Коридорот 8 на железничката станица „Ѓуешево“ и провокативното прашање упатено кон него од еден бугарски новинар, потсетувајќи го на неговата ланска изјава во која ги нарече Бугарите нецивилизирани.

Министерот во емисијата „Топ тема“ додаде и дека „нема на друг начин како да комуницирате во такви услови каде што информацијата станува пропаганда“.

Пред една недела, Николоски му порача на новинар од Бугарија дека на „Ѓуешево“ се зборувало за инженерски проблеми на проектот, а не за политички проблеми.

-Тоа што вие и ваши колеги сакавте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте и затоа денеска сме тука. Мислам дека доволно одговорив, кажа Николоски на новинарско прашање. По ова, вицепремиерот беше запрашан дали ќе се извини за таквите изјави, на што немаше одговор.

Николоски во септември минатата година во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското државно знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев, рече дека кога ќе дојде некој на гости, минимум што треба да покажете е пристојно однесување.

„Очигледно домаќинот не е цивилизиран и не е пристоен. Слободно нека пратат за ова протестна нота. Помизерни од нив се само нашиве домашни слуги, што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат, истите што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик и што потпишаа дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не прифатиме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Тоа не е само мизерно, туку е дно“, кажа тој тогаш.

Николоски во април годинава во интервју за „360 степени“, на прашањето зошто не ѝ враќаат одговор на Бугарија на предлог-договорот за заедничка изградба на тунел на граничната линија, кој стигнал до Владата пред околу три месеци, рече дека имаат преку 15 дописи до Бугарија на кои немаат одговор, односно дека е очигледно оти тие не сакаат да ја градат пругата.