Николоски: Ќе биде душмански по Буџетот ако го прекинам Договорот со „Бехтел и Енка“

од Nikola Popovski
475 прегледи

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски уште еднаш повтори дека Договорот со „Бехтел и Енка“ околу изградбата на Коридорите 8 и 10Д треба да се деклацифицира и се надева дека претставниците на конзорциумот ќе дадат согласност, за јавноста целосно да го види.

Според него, поважно е што може Македонија да добие од договорот. Тврди дека земјава може да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано. Николоски информира дека тоа ќе биде главната битка – да се добие повеќе во рамките на истата финанска сума која што е договорена.

-Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства, а да немаме ниту километар автопат. Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија, кажа Николоски денеска пред медиумите, по одржаната трибина насловена „Развојот како услов за опстанок на македонското градежништво“.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Поради горкото искуство со градбата на претходните автопати, кои се градат со години и не им се гледа крајот, владата се одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“. За таа цел беа сменети и неколку закони, меѓу кои и тој за експропријација, па сега постапката е забрзана. „Бехтел и Енка“ нема да мора да чекаат правосилност на одлуката за експропријација, туку може да располагаат со имотот штом одлуката за експропријација стане конечна.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, пак, отвори предмет по допрен глас за јавната набавка за избор на фирма за надзор на градби на коридорите 8 и 10Д. Обвинителството го анализира и првиот склучен, па поништен договор за надзорот, и вториот кој беше подоцна распишан.

Договорот со „Бехтел и Енка“ е класифициран како државна тајна. Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.

Слични содржини