Николоски: Максимален рок за враќање, грејс период и најниска каматна стапка од кредитот од Велика Британија

од Марта Пешевска
65 прегледи

Македонија ќе добие заем од Велика Британија со рекордно поволни услови, најави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски. Тој во емисијата „Топ Тема“ посочи дека договорот ќе вклучува долг рок за отплата, низок каматен процент и целосна транспарентност.

„Очекуваме рокот на отплата да биде над 15 години, со значително пониска камата од онаа што ја добиваат соседните земји. На пример, Србија гради автопат со камата од 3,5%, а ние ќе добиеме уште подобри услови“, изјави Николоски.

Според него, договорот ќе биде склопен без скриени трошоци – сѐ ќе биде јасно и отворено за јавноста. Средствата ќе се користат за повеќе важни проекти во земјата. Најголем дел од заемот ќе оди за изградба на брзата железничка линија од Табановце до Гевгелија. Освен тоа, ќе се финансира и довршување на Клиничката болница во Штип, како и изградба на нов Медицински факултет и студентски дом.

„Во Тетово ќе се реконструира целосно Клиничката болница, а во Кичево ќе се гради сосема нова болница и Здравствен дом“, додаде Николоски.

Вкупната вредност на овие инвестиции ќе изнесува околу 190 милиони евра. Министерот истакна дека целта е не само подобрување на инфраструктурата, туку и квалитетот на животот на граѓаните, со вложувања во здравство и образование.