Николоски на средби во ММФ: Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст

од Vladimir Zorba

РС Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%”, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија”, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на РС Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Слични содржини