Николоски: Неколку помоќни земји од ЕУ треба да извршат притисок врз Софија за деблокирање на европската интеграција

„Нема ништо ново“, вели Николоски за уставните измени

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Фејсбук

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски информира дека „нема ништо ново“ во врска со измените на Уставот. Така, тој одговори на прашањето поврзано со зборовите на амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, која пред два дена порача дека е сигурна како Владата работи на прашањето за уставните измени.

Според Николоски, ВМРО-ДПМНЕ јасно го искажа својот став дека не прифаќа измени на уставот „под бугарски диктат“.

„Исто така, кажавме кои се нашите очекувања, без разлика дали се поврзани со историскиот и политичкиот континуитет на нашиот народ, дали се поврзани со единственоста на македонскиот јазик, дали се поврзани со обидите историјата да се претвори во главна алатка за блокирање на преговорите, јасно ги кажавме работите. Јасно изјавивме дека Бугарија не ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и дека инсистираме да ги спроведе. Јасно изјавивме дека инсистираме таа да признае македонско малцинство, кое би било дел од Советот на национални малцинства, какво што постои во Бугарија. Нашите ставови се јасни. Не сме кажале ниту направиле ништо различно од она што го кажувавме како опозиција“, кажа Николоски во емисијата „Само интервју“.

Според него, излезот од ситуацијата во која се наоѓа Македонија е „новиот бран оптимизам во однос на проширувањето, кој преовладува во ЕУ, поради ситуацијата со Украина“.

„Многу сум прецизен во она што го кажувам. Не велам Европската комисија, не велам Брисел, велам неколку поголеми и помоќни земји кои се членки на Европската Унија, да се согласат на проширување и ако се согласат да извршат притисок врз Бугарија да не нè блокира… Од она што го знам, оние (земјите) кои беа против проширувањето пред две или три години се уште се против него, само што сега користат малку помека реторика поради она што се случува во Украина“, рече Николоски, според кого „во Софија нема волја да се деблокира процесот“ на европската интеграција на Македонија.

Запрашан за пораката на германскиот министер Јохан Вадефул, кој по посетата на Македонија, каде што немаше изјави, напиша на својот Инстаграм профил дека напредокот во односите со Бугарија е особено важен за понатамошен успех во процесот на пристапување, Николоски рече дека претходната влада во Македонија ги одржувала односите со Софија, но ништо не е постигнато.

Според Николоски, протестите во Софија покажуваат дека ситуацијата таму е нестабилна, а за време на избори „македонското прашање е многу привлечно за одредени политички елити“. Министерот повтори дека за да се деблокира процесот на европска интеграција на земјава, потребен е притисок од „неколку сериозни земји-членки на ЕУ“ врз Софија.

„Немам сомнение дека претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, дека европската комесарка (Марта) Кос, дека претседателот на Европскиот совет (Антонио) Кошта сакаат Македонија утре да започне преговори со ЕУ. Тие сакаат и работат за да се случи ова, но прашањето е дали оние кои навистина ја имаат моќта, а во политиката моќта игра голема улога, вршат притисок врз Бугарија или не“, потенцира вицепремиерот.