Николоски нема да потпише ниту еден нов ДУП во Карпош и ги повика граѓаните да прават „паметни одлуки“ на локалните избори

од Nikola Popovski
64 прегледи

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски соопшти дека „се додека е оваа консталација во општина Карпош, нема да потпише ниту еден нов ДУП“. Ова го изјави тој откако од иницијативата „02“ се пожалиле дека не им одговорил во дадениот рок на нивното барање за да се поништи дозволата за градба за новиот станбен комплекс кај болницата „8-ми Септември“.

Николоски вели дека тоа не е негова надлежност, туку надлежност на општина Карпош.

-Очекувам следната година на изборите, граѓаните да прават паметни одлуки и заеднички да ги средуваме работите. Откако сум министер, јас немам потпишано ниту еден ДУП, што и може да се види, кажа Николоски на прес-конференција во Владата.

Блокот од 17 ката со 419 станови плус деловен простор, со 2.000 жители се гради меѓу пет здравствени установи. Зградата ќе никне меѓу поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош, болницата „8 Септември“, Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија (ПЕТ центар) односно за дијагностика на болните со малигни заболувања и приватната болница „Жан Митрев“. Во непосредна близина е и теренот од каде со хеликоптер се носат болни и повредени во ГОБ „8 Септември“.

Парцелата каде ќе никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

Активистите бараат итно поништување на издаденото одобрение за градење за т.н. 17 катница, односно комплексот на згради.

Од Иницијативата О2 потсетуваат дека незаконски било добиено позитивно конзерваторско мислење за одобрение за градење на зградата која се гради во заштитното подрачје кај „Воена болница“.

Од оваа невладина организација пред повеќе од триесет дена побараа од Николоски, согласно неговите надлежности да ја стопира градбата на овој спорен објект затоа што претходно и самиот министер тврдел дека во Карпош повеќе нема да се гради. Иако е поминат законскиот рок, министерството сѐ уште не се изјаснило дали ќе ја стопира градбата, а О2 побарале и од Управниот инспекторат да постапи во однос на нивното барање.

Слични содржини