Во Лондон денеска, вицепремиерот Александар Николоски, во име на Владата на Република Македонија, потпиша значаен договор за политичка и економска соработка со Обединетото Кралство. Со овој договор, Македонија добива пристап до 6 милијарди евра за финансирање капитални проекти во клучни сектори.
Средствата ќе бидат насочени кон развој на транспортот, образованието, здравството, ИТ секторот и животната средина. Како први проекти се најавуваат изградба на брза железница на Коридорот 10, нови болници и образовни установи, меѓу кои и нов Медицински факултет.
Договорот беше потпишан во симболичната „Черчилова соба“ во Министерството за трговија и бизнис во Лондон, како потврда за продлабочување на односите меѓу двете земји. Николоски истакна дека покрај финансиската поддршка, Македонија ќе добие и експертска помош од британската администрација и деловен сектор.
Во наредниот период се очекува и потпишување на Договор за стратешко партнерство, со што ќе се зајакне билатералната соработка и надвор од рамките на НАТО.