Николоски останува на ставот за „нецивилизираните домаќини“, им порача на бугарските политичари дека „не се достојни“ да бараат оставка

од Nikola Popovski
158 прегледи

Кабинетот на бугарскиот претседател, Министерството за надворешни работи, но и остатокот од бугарската политичка сцена реагираат, на како што се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Македонија. Реакциите од Бугарија доаѓаат по изјавата на вицепремиерот и министер Александар Николоски, кој за неистакнување на македонското знаме во Софија за време на средбата меѓу претседателите Сиљановска Давкова и Радев рече дека тоа е потег на нецивилизиран домаќин.

Денеска Николоски се обрати преку реакција до јавноста. Порача дека дел од неуспешните бугарски политичари, непотребно ја внесуваат Македонија во предизборната тематика во Бугарија и најмалку смета дека „Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија“.

Според вицепремиерот, „нивното занимавање со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, уште по малце да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема“.

-Јас останувам позади се што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува. Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска Давкова како претседател на Македонија, порачува Николоски.

Оценува дека „од него бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии“.

-Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал мие е што добрите односи помеѓу двата блиски народи, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.

И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот Претседател.

И затоа е ваква мојата реакција и затоа ќе продолжиме и јас и ВМРО-ДПМНЕ да ги браниме македонските национални интереси. Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на Европската Унија, да го изоди патот кон Европската Унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да го заштитиме нашето, се наведува меѓу другото во соопштението на вицепремиерот и министер за транспорт и врски.

Експремиерот и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов коментирајќи ја изјавата на македонскиот вицепремиер рече дека после таква реторика, бугарските политичари не треба да се среќаваат со македонските колеги, побара извинување од земјава, но и оставка од Николоски.

„Тоа е јасно опишано, за пријателска средба што се прави, за официјална, за работна, но да речеме дека тука немаат искуство. Но, јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И, ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“, вели Борисов.

Од бугарското МНР, пак, во реакцијата обвинуваат за неиспровоцирани неевропски реакции од Скопје во кои, како што велат, Софија не сака да учествува.

-Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија, стои во реакцијата на бугарското МНР.

Слични содржини