Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски смета дека „се создава цврст впечаток дека оваа е влада на исти луѓе, со исти вредности кои донесоа порази за државата“.
„Ова е предлог на влада која Ковачевски ја поднесува, а Зоран Заев ја потпишува. Во самиот состав може да се забележи и конфликтот меѓу различните групации кои постојат во СДСМ, така што се сведува на расчистување на клановски битки од една страна, од друга страна еден целосен контитуитет на кадрите на ДУИ, коишто домираат и во оваа влада и насадената Алтернатива и неизбежниот ‘плата ол пломо’, Кастриот Реџепи“, кажа Николоски на прес-конференција.
Според него, составот на владата, кој како што кажа, Заев го аминувал, јасно е дека е по силна доминација на Оливер Спасовски, кој има свои кадри во истата.
„Она што е јавна тајна е дека најмалку десетина видни луѓе, професори, истакнати политичари, јавни личности итн. одбиле да се дел да се од оваа влада и го одбиле и Ковачевски и Заев да станат дел од истата, затоа што не се согласуваат со политиките на континуитет на економското и криминално доуништување на Македонија“, вели меѓу другото Николоски.
Мандатарот Димитар Ковачевски синоќа ги објави предлог-имињата на новата влада.
За вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, предложена е Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, магистер по математички науки и поранешен асистент на Природно математичкиот факултет.
За министерка за одбрана, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ, поранешна заменик-министерка за внатрешни работи во техничката влада, со големо искуство во областа на безбедноста.
За министер за правда, Никола Тупанчевски, познат и признат професор на Правниот факултет, еден од водечките професори по Казнено право.
За министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, магистар по социолошки науки, учесничка во повеќе меѓународни тела поддржани од УНДП, UNWOMEN, која има повеќе објавени трудови, се уште актуелна директорка на Државниот инспекторат за труд.
За министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ, доктор на науки, професорка на Педагошки факултет на Универзитетот Свети Климент Охридски во Битола.