Николоски: Решенијата за престојот на превозниците во ЕУ ќе се договараат заеднички по средбата во Брисел

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека деталите околу престојот на македонските превозници во земјите на Европската унија ќе се прецизираат по состанокот во Брисел, и тоа во директна координација со самите транспортери.

од desk4
10 прегледи Фотографија: Министерство за транспорт и врски

Говорејќи во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, Николоски се осврна на неодамнешните блокади организирани од превозниците и изрази задоволство што Европската унија ја забрзала постапката и го објавила релевантниот документ порано од планираното. Тој посочи дека станува збор за обемен документ од 19 страници, кој ги опфаќа новите правила на Шенген зоната.

Николоски нагласи дека во документот, за првпат, возачите на камиони се третираат како професионална категорија, заедно со други групи како спортисти и уметници, што, според него, претставува суштински чекор кон решавање на проблемот со ограничениот престој. Како што изјави, ова е едно од трите решенија што претходно биле понудени во рамки на дијалогот со транспортерите.

Тој најави дека во вторник ќе се одржи состанок кој, како што посочи, подолго време не бил закажуван, иако првично бил планиран за 6 февруари, а во меѓувреме бил поместен за порано.

Николоски им оддаде признание на превозниците кои учествуваа во протестите, оценувајќи дека нивната упорност и единство јасно укажале на сериозноста на проблемот и придонеле тој да биде третиран со должно внимание. Тој додаде дека протестите дале резултат токму поради истрајноста и заедничкиот настап.

Според него, поддршка за решавање на проблемот дале и премиерот и Владата, а целиот процес се води во постојана координација со превозниците. Николоски информираше дека остварил средба со претседателката и потпретседателката на здружението „МАКАМ-ТРАНС“, при што било договорено по состанокот во Брисел повторно да се одржи заедничка средба.

„Одговорот и понатамошните чекори ќе ги подготвуваме заедно со превозниците, во целосна координација со нив“, истакна Николоски, додавајќи дека целта е да се понудат најдобрите можни решенија за секторот.

Тој нагласи дека транспортот е еден од клучните двигатели на македонската економија и дека во бројни градови во земјата егзистенцијата директно зависи од оваа дејност, поради што, како што рече, е неопходна целосна институционална поддршка за превозниците.