Николоски: Се уште нема договор со Софија за тунелот од Коридорот 8

од Nikola Popovski
111 прегледи

„Сè уште нема договор за (прекуграничниот железнички тунел) Деве Баир. Кога би имало би го објавиле“. Ова вчера го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во врска со заедничката изградба на тунелот на железничката пруга на Коридорот 8 од македонска и бугарска страна.

Николоски рече дека се водат интензивни разговори и „прашање на време е, на недели, а не на месеци, да се појават позитивни вести, доколку постои добра волја од страна на Бугарија“.

„Идејата е да се постигне договор според кој Скопје и Софија би биле поврзани. Договорот треба да содржи три сегменти, од кои првиот е изградба на заеднички тунел за поврзување на двете земји. За жал, во претходниот проект тунелот заврши буквално на половина пат. Вториот дел е јасна обврска на Софија да се заложи за изградба на делот од железничката линија со Македонија до Ѓуешево, како и реконструкција на делот од Ѓуешево до Софија, за да има модерна линија и на нивна страна. Третата обврска е наша, да го ревидираме проектот, што веќе го правиме, бидејќи не е можно овој проект да чини толку и за неколку километри да се потрошат толку многу пари“, потенцира Николоски.

Министерот се пофали и со зголемениот број на возови и локомотиви. Како што рече, четири локомотиви од Србија пристигнале минатата година.

„Ова беше одлична работа бидејќи им донесе приход на Македонски железници и со овој приход можеме да инвестираме. Постепено ќе користиме целосно локални, македонски локомотиви“, кажа Николоски.

Тргна првиот воз од Скопје за Куманово, ќе сообраќа двапати дневно. Патувањето ќе трае 41 минута. Владата најавува враќање и на возовите до Тетово, Гостивар, Штип и Кочани…Од октомври следната година се очекува истиот воз да оди и до Крива Паланка, кога ќе биде изградена пругата, најави министерот за транспорт и врски. Според него, годинава ќе бидат повторно воведени железничките линии кон Тетово, Гостивар, Кичево, Кочани и Штип.

Слични содржини