Ако во 1994 година се вршеше приватизација во стопанството, оваа Влада од 2017 година го распродава јавното здравство или го приватизира, рече доктор Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата „Што не е јасно“ која се емитува на телевизија Алфа.
Доктор Николов посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја спречи оваа Влада во идејата за приватизација на неколку сегменти од здравството.
„Ги спречивме да ги приватизираат биохемиските лаборатории, потоа ГОБ 8- ми Септември за која веројатно поради ковидот сфатија дека е потребна како таква, потоа го спречивме во приватизирање на Итната медицинска помош и слично“, рече Николов.
За пример, Николов ја зема Итната помош за која денес во главниот град има само три пунктови.
„Објаснувањето им е дека нема финансиски средства за Итната медицинска помош, но има финансиски средства за членови за управни одбори, за помошници, за пари за поранешниот градоначалник на Центар како советник за клинички кој никогаш не почна да се гради. Има пари за се и за сите, само нема за лечење на граѓаните и за медицинскиот кадар“, посочи Николов.
Според него не се работи на тоа да се задржи медицинскиот кадар во земјава, или само се поттикнува нивни одлив надвор од земјава.
„Нема обуки за медицински кадар, нема инфраструктура, не се мотивираат младите специјализанти со тоа што ќе им се платат дежурствата. Дополнително имаме целосно пропаѓање на јавното здравство. Во иднина акцентот мора да се стави на зајакнување на јавното здравство и задржување на медицинскиот кадар во земјава и во јавното здравство“, кажа Николов.
Николов потсети и на низа проекти кои сопреа како Ало докторе, како и за низата непотребни проекти како модуларните болници кои се покажаа како целосно нефункционални.