Николовска: ВМРО-ДПМНЕ се обиде без избори да формира мнозинство и не успеа, така да избори за 2,5 години

од Vladimir Zorba

Граѓаните на парламентарните избори 2020 година кажаа во кој правец треба да се движи државата и поради тие избори има парламентарно мнозинство, сега стабилно и зголемено, рече пратеничката на СДСМ, Фаница Николовска во реплика на денешната собраниска седница за избор на нова Влада.

„Ние пратениците ја бираме Владата, така да согласно довербата од граѓаните, мнозинството во Собранието избира Влада, оттука е легитимитетот полн. ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, и така и ќе остане. ВМРО-ДПМНЕ се обиде без избори да формира парламентарно мнозинство и не успеа. Така да избори ќе има за 2,5 години“ додаде Николовска.

Најважна обврска на новата Влада предводена од СДСМ е да ја зголеми ефикасноста во реализација на политиките за кои граѓаните ја дадоа поддршката на ова парламентарно мнозинство, порача пратеничката од СДСМ.

„Предлог програмата за работа на Владата во наредните две години се темели на неколку клучни столба, а тоа се: Забрзан и одржлив економски раст со подобар животен стандард; Социјална инклузивност и развој на човечки капитал; Владеење на правото и добро управување; Унапредување на демократијата и слободата; Интеграции, НАТО и Европска Унија.

Најважна обврска на новата Влада е да ја зголеми ефикасноста и успешноста во реализација на стратешките правци и политиките за кои граѓаните дадоа доверба на парламентарното мнозинство. Претходната Влада воспостави солидна основа за економските политики за континуирани стапки за економски раст. Новата Влада треба да да го зголеми обемот и имплементацијата на домашните и странски инвестиции, како и зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции.

Останува предизвикот за соочувањето со ефектите од пандемијата Ковид-19 врз економијата и социјално загрозените категории, како и потребата за заштита на здравјето и животите на граѓаните“ порача Николовска.

Пратеничката Николовска истакна дека важно тоа што Владата се обврзува во следните две години платите да продолжат да растат.

„Во Предлог Програмата Владата се обврзува дека останува посветена на унапредувањето на човечкиот капитал и инвестирањето во истиот. Со Стратегијата за човечки капитал на Република Северна Македонија која претставува стратешки документ од исклучителна важност за државата, се овозможуваат подобри услови за живот на граѓаните, придонесува кон заложбите за побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст и намалување на степенот на сиромаштија преку инвестиции во образованието, здравството и социјална заштита – како клучни сектори кои ќе и помогнат на Република Северна Македонија да го зајакне и подобри човечкиот капитал.“ заклучи Николовска.

Слични содржини