Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски денеска информираше дека во рамки на законскиот рок, во кој постоечките правни лица имаа обврска во Регистарот на вистински сопственици да го пријават својот вистински сопственик, својата обврска навремено ја завршиле 69.284 субјекти, односно близу 90 проценти од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави.
-Зголемувањето на транспарентноста како суштински процес на демократските општества е базичен стремеж на оваа Влада и токму затоа податоците од Регистарот на вистински сопственици, од 28 април, се веќе јавно достапни преку системите за издавање информации од Централниот регистар, истакна Николовски и додаде дека сега секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ, некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.
Вицепремиерот нагласи дека во следниот период институциите треба да вршат контрола на точноста и ажурноста на овие податоци, а постоечките правни лица ќе треба континуирано да ја пријавуваат секоја промена во сопственичката структура во рок од осум дена од нејзиното настанување.