„Печатените медиуми речиси исчезнаа има уште неколку кои жилаво се борат за медиумскиот простор. Интернет просторот си ја презема својата улога на доминантен веќе медиумски сервис за граѓаните и на начинот на којшто функционира создава прилично нелојална конкуренција. Медиумите имаат сериозни проблеми, особено проблематичен е начинот на финансирањето, па до социо-економскиот статус на новинарите, снимателите, фоторепортерите, сите медиумски работници. Ако не се преземе иницијатива од самата новинарска фела, за наоѓање начин за решавање на некои прашања сѐ полошо и полошо ќе станува во медиумите. Она што мене ме загрижува е што тој процес практично ќе доведе до изумирање на подолг рок на новинарската професија“, вели Марјан Николовски, новинар, уредник во ТВ Сител и кандидат за претседател на ЗНМ, оценувајќи ја медиумската состојба во земјата.
Програмата е поделена на три аспекти, структуралноста во функционирањето на ЗНМ, активност и иницијативност – вклученост во процесите е она што Николовски ќе го понуди на медиумските работници преку својата кандидатура за претседател на ЗНМ.
„Јавните кампањи е отворено прашање во медиумите. ЗНМ има став дека ние сме против, но тоа не води кон решение. Јавните кампањи треба да се однесуваат на тоа да ја контролираат Владата да не ги злоупотреба, а не да ги казнува медиумите. ЗНМ во тој процес треба да биде активен чинител, и дури во тоа тело, предвидено со законот, кое одлучува што е јавна кампања да има свој претставник од експертската јавност и кога ќе се каже дека, да, тоа е јавна кампања што може да се финансира, тоа да се направи транспарентно на сите медиуми, процентуално во зависност од договорот“, вели Николовски.