Николовски: Ако пензиите беа повисоки за 5000 денари одеднаш, ќе беше друга приказната – пензионерите се оштетени

од Nikola Popovski
347 прегледи

Кога би рекол дека не е добра, би предизвикал револт кај најголем дел на пензионерите. Ние како партија се залагавме повремено да има нивелирање на пензиите и во тие рамки се и тие 2500 денари. Имаше голема разлика меѓу минималната пензија и највисоката пензија, изјави Илија Николовски од Партијата на пензионери, одговарајќи на прашањето дали е добра линеарната „инјекција“ за пензионерите и покачувањето од 2500 денари.

Сепак, посочува Николовски, ако гледаме како е во регионот и пошироко, сегашното решение не е добро, бидејќи, како што вели, пензијата е економска категорија, а не социјална.

-За оние со минимални пензии, државата треба да има социјални пакети и пристојни пензии за да преживеат. Токму затоа Партијата на пензионери се залага да се донесе Закон за минимална пензија која би била 70% од минималната плата и многу подобро е од ова решение. Многумина ќе прашаат од каде пари? Државата партиципира во пензискиот фонд и од тие пари, треба повремено да интервенира кај малите пензии, за да има пристојна разлика меѓу минималната пензија и минималната плата, рече Николовски во емисијата на „Слободен печат“.

Според него, поранешната влада на екс-премиерот Никола Груевски го прифатила сегашниот еднопартиски и социјалистички систем, а сегашната Влада го продолжила.

-За време на изборите, ветуваа 5000 денари, но видоа дека не можат да го реализираат, па два пати по 2500 денари. Треба да бидеме реални, ако беше 5000 денари (одеднаш), ќе беше друга приказната. Пензионерите се оштетени. Земи од еден, дај на другиот. Има луѓе кои работеле и вложувале во пензискиот фонд. Владата не дава пари, туку пензионерите вложувале во пензискиот фонд, додаде поранешниот пратеник во Собранието.

Слични содржини