На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, побара одговор од министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, во врска со двете важни мерки – зелената нафта за земјоделците и здравиот оброк за децата во училиштата и градинките. Николовски го обвини министерот дека и покрај најавите за промени, програмите останале непроменети.
„Велевте дека мерките ќе се модифицираат, а ништо не е сменето – истата содржина во програмите за 2024 и 2025 година. Зошто не се објавени навреме? Рокот за програмата за овошје во градинките беше 15 април, а се уште ја нема. Што ќе биде со кајсиите, крушите, со целата набавка?“, праша Николовски.
Тој предупреди дека без навремено објавување на програмите и без издавање на картичките за зелена нафта, постои ризик земјоделците да не ги добијат потребните субвенции токму кога им се најпотребни – во сезоната на берба. „Знаеме колку време бара постапката. Дали навреме ќе ги добијат картичките? Дали децата ќе го добијат оброкот?“, додаде тој, апелирајќи до Министерството итно да постапи за да не дојде до застој во спроведувањето на мерките.