Николовски: Mожно е параболичен раст на цената на криптовалутите пред вистинска капитулација

од Берта Китинска
729 прегледи

Соодветно е да се каже дека изминативе недели има пад на цената на сите акции, особено во технолошкиот сектор. Сепак криптовалутите сеуште корелираат со SP500 индексот и генерално трендот на светските берзи, вели во разговор за „Локално“ Ратко Николовски, web Developer и познавач на криптовалутите.

Според него легализацијата на криптовалутите во земјата треба да се третира како сопственост или имот. Нагласувајќи дека не се потребни дополнителни компликации во легислативата доколку имотните права произлезат од моменталните опшествени конвенции.

-Со регулација би се овозможило на компании да ги експлоатираат криптовалутите како инвестициски препарат и понатаму да ги користат можеби и како основа за хипотекарни кредити и да имплементираат финансиски стратегии кои што моментално се актуелни на светско ниво, вели тој.

Последнава недела има огромен пад на цената на криптовалутите, дали е ова почеток на крајот?

Соодветно е да се каже дека изминативе недели има пад на цената на сите акции, особено во технолошкиот сектор. Сепак криптовалутите сеуште корелираат со SP500 индексот и генерално трендот на светските берзи. Да, можно е ова да е крајот на овој позитивен циклус (bull market), но нема да ме изненади уште неколку месеци параболичен раст пред вистинска капитулација и влегување во подолгорочен негативен циклус (bear market).

Што доведе до овој огромен пад?

Самиот факт што технолошкиот сектор од кој се дел и криптовалутите во изминатите година и пол имаат параболичен раст и очекувано е големите инвеститори да го изменаџираат тој ризик и да наплатат дел од огромниот профит.Катализатор за несигурноста во берзите беше средбата на Федералната Резерва на САД која се одржа на 26ти Јануари каде се разговараше за евентуални промени во монетарната политика и можно зголемување на каматите за кредитирање.

Кога можеме да очекуваме евентуално опоравување на пазарот, што ќе го детерминира тоа?

Временскиот интервал е невозможно да се предвиди, но тоа според мене ќе зависи од трендот на Америчкиот долар, кој од средината на мај минатата година е во позитивен тренд. Следење на DXY индексот и соодветни технички анализи за истиот би можеле да доведат до прорачунати одлуки за тоа кога е добар период да се инвестира.

Kaкo најавената инфлација на пазарот ќе делува на криптовалутите? Што можат да направат вложувачите на овие дигитални средства за да се заштитат од инфлација?

Во суштина со самото вложување во Биткоин инвеститорите се заштитуваат од инфлационата монетарна политика на фиат валутите. Се разбира мора да се размислува на временски интервали од најмалку 5 до 10 години. Монетарната политика на Биткоин е дефлациона по природа, за разлика од Америчкиот долар кој од 1913 година до сега е девалвиран за цели 96.2%, што во превод значи дека 1 долар сега вреди само 4 центи.Во последните 5 години најниската цена на Биткоинот беше околу 1000 $, а највисоката околу 69000 $. Во последната година цената варираше од 30000 $ до 69000 $.

Како треба да биде проектиран системот на оданочување на криптовалутите кај нас? Какви ќе бидат бенефитите од легализацијата и во кои полиња најмногу ќе можеме да ги препознаеме позитивните ефекти?

Според мене треба да се третира како сопственост или имот. Нема потреба од комплицирана легислатива доколку имотните права произлезат од моменталните опшествени конвенции.Со регулација би се овозможило на компании да ги експлоатираат криптовалутите како инвестициски препарат и понатаму да ги користат можеби и како основа за хипотекарни кредити и да имплементираат финансиски стратегии кои што моментално се актуелни на светско ниво. Државата од друга страна пак би демонстрирала прогресивност што е политички популарно, а и придобивките од данокот се исто важни.

Б.М.

Слични содржини