Николовски му врати на Трипуновски: Твоите беспредметни кривични не можат да го тргнат фокусот од хаосот што го создаде во земјоделството

„Кога сопствената посебна советничка ти е фатена во истрагa за рекет со европски пари, се носи политичка одговорност“, му порача пратеникот Николовски на министерот Трипуновски

од Nikola Popovski
7 прегледи Фото: Фејсбук

Пратеникот Љупчо Николовски попладнево порача дека беспредметните кривични пријави на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски не можат „ни оддалеку да го тргнат фокусот од хаосот што го создаде во земјоделството“. Николовски му порача дека „кога сопствената посебна советничка ти е фатена во истрагa за рекет со европски пари се носи политичка одговорност“.

-Кога најразвојната програма во државата e суспендирана поради коруптивен скандал: се поднесува оставка, се овозможува независна истрага и се молчи од срам, а не со прес-конференции и статуси.

Половина од твоите најблиски соработници се под истрага, со телефони на вештачење, со претреси и информативни разговори. Тоа е реалноста од која бегаш, објави екс-министерот и му порача на неговиот наследник на позицијата, „наместо смешни пријави, да одговори на она што секој ден го прашуваат земјоделците: Кога одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите? Кога субвенциите за млеко? Ќе се исплатат ли сите земјоделци за предаден зеленчук и овошје? Зошто се кратат субвенции во ребалансот? Зошто 130 милиони евра европска поддршка се замрзнати?“.

Претходно Трипуновски не одговори конкретно на барањето за суспензијата на средствата од ИПАРД програмата. Тој најави кривични пријави против неговиот претходник – тврди дека треба одговара за незаконско доделување на грантови и заобиколување на Платежната агенција додека бил на позиција министер.

Трипуновски најави три кривични за Николовски, но не даде конкретни одговори за барањата за суспензијата на ИПАРД

Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) се привремено стопирани како мерка на претпазливост, поради сомнежи во работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Исплатите се прекинати додека трае процесот на утврдување на евентуалните неправилности со цел заштита на европските фондови.