Вицепремиерот во Владата задолжен за борба против криминалот и корупцијата, Љупчо Николовски денес оствари средба со заменик шефот на мисијата во Амбасадата на САД, Џенифер Р.Литџон, на која фокусот бил ставен на заедничките ставови и заложби, како и презентација на неселективната борба против корупцијата.
„На денешниот состанок со заменик шеф на мисија во Амбасадата на САД во Скопје, Џенифер Р. Литлџон ги потврдивме заедничките ставови и заложби во борбата против корупцијата.
Како клучна стратешка определба ја потенцирав нашата бескомпомисна и неселективна борба против корупцијата преку конкретни активности.
Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и на денешниот состанок добивме поддршка и уверување дека во оваа борба не сме сами. Ќе добиеме поддршка за секоја идна мерка и политика, за создавање функционален систем ослободен од корупција“, се вели во фејсбук објавата на вицепремиерот Николовски.