Николовски на средба со Мојсовски: Нема место за корупција во спортот

од Nikola Popovski
276 прегледи

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, денеска одржаа работен состанок и прес-конференција на којашто беа презентирани наодите од пристигнатите претстваки за работата на Боречката и Скијачката федерација. Вицепремиерот Николовски посочи дека изминатиот период по пристигнувањето на претставките, се побара од Агенцијата за млади и спорт да спроведат детално истражување и на двата случаи и следствено на тоа да се преземат соодветни мерки.

„Од преставките што пристигнаа до мојот кабинет, и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите, кои треба да бидат промотори на спортот, но и пропусти на инспекциската служба. Целокупната документација доставена од подносителите против Боречка федерација, од страна на мојот Кабинет е препратена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Секоја дополнителна документација што ќе ни биде доставена на увид, ќе биде доставена до надлежните органи за откривање на криминал, се со цел спроведување на детална и целосна истрага”, изјави вицепремирот Николовски.

Во изминатиот период до кабинетот на вицепрмиерот Николовски пристигнаа повеќе претставки против Боречката федерација, со доказен материјал за направени злоупотреби и постоење на сомнеж за корупција и криминал, фалсификување на документи, непотизам, нетранспарентност, судир на интереси, недонесени прописи и низа други нерегуларности.

Претставката против Скијачката федерација, којашто беше доставена до кабинетот на вицепремиерот Николовски, се однесува на нерегуларности и незаконитости при изборот на претседател на Скијачката федерација. Пропратната документација содржи докази за фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачки клубови, непочитување на одредбите од статутот на федерацијата за одржување на вонредно собрание за избор на претседател, злоупотреби на дејноста на одредени скијачки клубови и друго.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Мојсовски посочи дека по поднесените претставки до кабинетот на вицепремирот Николовски и по направените анализи, Агенцијата за млади и спорт согласно својата надлежност поведе дисциплинска постапка против самостоен инспектор, кој ја испитувал работата на двете федерации.

„Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за определени пропусти при вршење на инспекцискиот надзор од страна на инспекторот, од една страна, а од друга страна тоа ќе биде можност да се расветлат евентуалните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации. Сите федерации се должни да го почитуваат Законот за спорт и Законот за здруженија на граѓани, во зависност од тоа како се организирани и како функционираат, бидејќи само на таков начин можеме да очекуваме развој на спортот во РСМ и постигнување на одлични резултати од нашите спортисти “, рече директорот Мојсовски.

При тоа вицепремиерот Николовски, потенцираше дека ваквите заеднички и координирани активности се потврда дека нема недопирливи, истовремено и јасна порака дека секаде, во секоја институција кадешто ќе се утврди незаконско постапување, злоупотреби и корупција, неселективно ќе се постапува, ќе се проследува до надлежните институции за постапување.

Слични содржини