Николовски: Над 130 милиони евра во мирување по скандалот со ИПАРД, македонското земјоделство пред ризик од економски колапс

СДСМ предлага решение за деблокада на исплатите за ИПАРД

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: СДСМ

„Суспензијата на исплатите за ИПАРД програмата поради корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието предизвикаа шок, недоверба и огромна неизвесност кај илјадници македонски земјоделци и компании. Бидејќи владата и министерството молчат денеска ќе објавиме колкав е импактот, колку проекти се засегнати, колкава е вредноста на инвестициите“ – ова денеска го порача екс-министерот за земјоделство и пратеник, Љупчо Николовски.

Според него, со суспендирањето на ИПАРД 3, блокиран е целиот буџет од 128 милиони евра, но бидејќи досега на располагање на земјоделците се ставени 65 милиони евра со кофинансирање тоа се вкупно инвестиции во износ од 130 милиони евра кои сега де факто се ставени во мирување.

„Зад сите овие бројки стојат луѓе, земјоделци, фирми, семејства, кои вложиле сè со надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес тие се оставени без одговор кога и дали ќе им бидат исплатени средствата, дали воопшто ќе можат да продолжат или не. Исто така, стотици нови апликанти кои ги подготвија своите проекти за 2025 година сега се во ќорсокак. И најавените нови јавни повици се стопирани. Ова е силен удар и македонското земјоделство е пред ризик од економски колапс. Програмата која беше симбол на развој и модернизација денес е на колена“, истакна Николовски, додавајќи дека неговата партија има план за деблокада на ИПАРД програмата во неколку чекори.

„1. Утврдување на фактичката состојба, обемот и слабостите. Како претседател на Комисијата за земјоделство, веќе побарав детални информации за причините и обемот на суспензијата. Целта е јасна: да се утврди вистината, да се откријат институционалните слабости.

2. Потоа, врз база на овие наоди заеднички да се подготви Акциски план кој државата ќе го достави, и ќе го презентира до Европската комисија.

Со ваков еден план државата ќе се обврзе да преземе и да воспостави засилени механизми на контрола, ефективни антикорупциски мерки и поголема транспарентност во спроведувањето на европските програми“, рече пратеникот на денешната прес-конференција.