Николовски: Обезбедивме простории за ДКСК и соодветни услови за новиот софтвер

од Nikola Popovski
165 прегледи

„Покрај обезбедувањето на просторот за ДКСК, како вицепремиер бев насочен и кон останатите мерки за функционирање на оваа Комисија како независно тело“, објави Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски.

Според него, со одлука на Влада на ДКСК им се одобрија 48,9 милиони денари за набавка за изработка на Регистар на избрани и именувани лица, за електронско доставување на изјава за имотна состојба и интереси, систем за прибирање на податоци од други институции, нивна обработка, за менаџирање со документи и одржување на целокупниот електронски систем.

„Овој Регистар е особено важен и за поврзување на 17-те институции од коишто треба да се црпат релевантни информации при откривањето на случаи поврзани со корупција и судир на интереси. Со ДКСК имаме соработка и по однос на Планот за борба против корупција, конкретно во делот на мерката што предвидува измени на Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, напиша Николовски на Фејсбук.

Државната комисија за спречување на корупцијата почна со вселување во новите простории, кои се на површина од 2 430 квадратни метри, на три ката, во зградата на Службата за општи и заеднички работи, спроти МНР.

Со тоа се решава просторниот проблем на антикорупционерите и се овозможува ставање во функција на софтверот и опремата за поврзување со другите 17 институции од кои треба да се црпат информации при откривање случаи поврзани со корупција и судир на интереси.

Слични содржини