Николовски: Обезбедуваме субвенции за набавка на вештачко ѓубриво, пченка, сончоглед и ориз

од Nikola Popovski
292 прегледи

Интервентниот фонд ќе се прошири со нови мерки, обезбедуваме дополнителни субвенции за набавка на вештачко ѓубриво и за сончоглед, пченка и ориз, ова денеска го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на средбата со земјоделците во Штип. Министерот порача дека сите механизми и мерки се ставени во функција на обезбедување на одржливо земјоделско производство и стабилност на храна.

„Субвенцијата за набавка на вештачко ѓубриво за сончоглед, пченка и ориз се планира да биде 3.000 денари, а измените на Програмата за интервентен фонд ќе бидат предложени од страна на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на следната владина седница. Во ова време на глобална економска криза навремено и неселективно даваме финансиска поддршка за земјоделците, им помагаме кога е најпотребно, да имаат помали трошоци, да можат навремени да ги применат сите агротехнички мерки.И оваа година пред почетокот на новата сеидбена сезона за сончогледот ги исплативме субвенциите, за да можат земјоделците навреме да сеат, за да имаат пари за производствените трошоци. Вчера Платежната агенција исплати исплати над 450 милиони денари субвенции за поледелски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка на вкупно 24.753 земјоделци“, изјави министерот Николовски.

На средбата со земјоделците се разговараше за актуелната состојба, мерките за поддршка на земјоделството и руралниот развој и за предлозите на земјоделците.

Воедно, денеска во Штип министерот Николовски ја посети подружницата на компанијата „Витаминка“, односно фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип, која покрива значаен дел од пазарот на масло за јадење во нашата земја. Николовски посочи дека дека на средбата со потпретседателот на Владата на Србија, Недимовиќ, е договорено и во делот на маслото од сончогледот во следните денови Србија да ја укине забраната за извоз за Северна Македонија.

„Со тоа сите договорени количини на фирмите за рафинирано и нерафинарано масло од сончоглед ќе бидат испочитувани. Домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.Затоа Владата ја продолжи и забраната за извоз на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед, до 15 април, со цел заштита на домашниот пазар“, рече министерот Николовски.

Сопственикот на компанијата „Витаминка“, Симон Наумоски изјави дека од големо значење е укинувањето на забраната на Србија за Северна Македонија за извоз на рафинирано и нерафинирано масло од сончоглед и другите продукти, што ќе овозможи да има стабилност на пазарот на храна за овие производи.

Министерот Николовски изјави дека се дава силна поддршка на развојот на договорното производство, не само за сончогледот туку и за другите земјоделски култури, како најдобро решение и за земјоделците и за откупувачите, бидејќи на тој начин едните ќе имаат решен пласман, другите сигурна суровина, и крајно поголемо домашно производство, а со тоа и сигурност за граѓаните за основните прехрамбени производи.

Слични содржини