Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски во изјава за МИА вели дека деинсталирање на режимското владеење од 11 години значи широка акција на сите нивоа и дека токму поради тоа е подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ за демократски исчекор.
-Кога велиме деинсталација на режимот, тоа значи широка акција на сите нивоа на политика и на сите нивоа на власт, од ослободување на Владата од режимските стеги, преку прекинување на ланецот реваншизми, па сѐ до прочистувањето на судството. Тоа е и нашата најнова иницијатива за поттикнување демократски исчекор кај ВМРО-ДПМНЕ, преку заедничко дејствување за напредокот на државата. Тоа е шанса за демократизација и промени во самите политичките партии, а најмногу во ВМРО-ДПМНЕ. Ние како Влада, го покажавме нашето визонерско размислување, со самото тоа што после неколку дена од изгласана доверба во Парламентот, премиерот Заев подаде рака за дебата за национално помирување, што е доказ не само за лидерство, туку и за висока политичка свест кога е во прашање решавање на проблемите на граѓаните и создавање подобри услови за живот, вели Николовски.