Николовски пред превозниците: Ќе се бара дисциплина и максимален професионален ангажман од секој царински службеник

од Nikola Popovski
38 прегледи

Усогласување на работното време на инспекциските служби на граничните премини, автоматизација на терминалите на граничните премини со грант од ЕУ и негово поврзување со новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички што се имплементира во моментов, како и унапредување на дигитализацијата и поврзување на институциите во рамки на државата но и на ниво на држави, се трите главни реформски мерки на коишто ќе работи Царинската управа во следниот период. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на средба со генералниот секретар на Асоцијацијата, Макам-транс, Билјана Муратовска. Средбата беше остварена на еден од најфреквентните гранични премини, Табановце, а со цел увид на состојбите, но и дијалог со Асоцијацијата каде се членки 1.500 превозни компании.

„Дијалогот е клучен за унапредување на мерките и политиките што ги преземаме, а коишто мора да дадат конкретни резултати. Пред претставниците на транспортерите ветивме конкретни политики и мерки кои треба да резултираат со скратување на времето на чекање, заштеда на средства и зголемување на конкурентноста на македонското стопанство”, истакна Николовски.

Тој потенцира дека проектот за автоматизација на терминалите на граничните премини и негово поврзување со новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички ќе придонесе за значително намалување на времето на чекање, како еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат транспортерите. Истовремено, како што рече, ќе се намали потребата од човечки фактор, што ќе придонесе за намалување на криминалот и корупцијата и прибирање повеќе приходи во Буџетот.

Второ, нагласи тој, преку повисок степен на дигитализација ќе се модернизираат институциите и ќе се подобрат услугите кон компаниите и граѓаните. Како една од клучните мерки за скратување на времето на чекање, а за што е разговарано и со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе се усогласи работното време на инспекциските служби на граничните премини со работното време на граничните царински испостави. Ова особено ќе се примени на најфрекветните гранични премини, Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан и Блаце.

Директорот воедно потенцира дека лично ќе се осигура секој потпишан протокол што е во насока на олеснување на трговијата, како последниот за признавање на кантарските белешки, строго да се почитува, но истиот повика да се применува и од страна на превозниците.

Директорот уште еднаш пред јавноста апелира дека „работиме на менување на свеста на царинските службеници како приоритет во службата”.

„Ќе се бара ред, работа, дисциплина и максимален професионален ангажман од секој царински службеник при извршување на работните задачи. Директно апелираме и до транспортерите и до сите учесници во царинските постапки од нивна страна да се почитува царинската униформа, бидејќи само тоа е начинот на којшто ќе ја издигнеме ефективноста во работењето и очекуваните резултати ќе ги искачиме на максимално ниво”, порача Николовски.

Генералниот секретар на Макам-транс Муратовска изрази задоволство од дискусијата со директорот Николовски нагласувајќи дека секое скратување во времето на чекање е во полза на транспортерите.

Слични содржини