За министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, 2022 година ќе биде историски запаметена по успехот за тутунарите. Тој истакна дека 2022 година е година во која имаме највисока откупна цена и година кога најголемата количина откупен тутун е од прва класа, како што вели, нешто што се нема случено од независноста на државата до сега.
„Ова говори дека годинава имаме одличен квалитет на тутунот, но и фер однос од страна на откупувачите, кои квалитетот го препознаа и добро го вреднуваа. Просечната откупна цена достигна 287 денари по килограм, што е за 44% повеќе од ланската откупна цена, но и на оваа цена кога ќе се додаде законската субвенција од 80 денари за прва класа тутун, доаѓаме до високи 370 денари по килограм”, рече Николовски.
Тој посочи дека откупот од овогодинешната реколта започна навремено на 15 ноември од страна на 10 откупни претпријатија, а заклучно со 24 декември откупени се вкупно околу 20.214 тони тутун, што претставува околу 84% од вкупно договорената количина тутун.
„Вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 5.817.483.700,91 денари, во висок процент од 94% веќе исплатен. Податоците велат дека заклучно со 24 декември 2022 година од типот Прилеп откупени се околу 19.980 тони, а од типот Јака 234 тони тутун. Според класи на тутун најмногу е извршен откуп на прва класа со околу 16.139 тони, што претставува околу 79,8% од вкупно откупената количина тутун. Додека од втора каласа отупени се околу 3.981 тони, или 19,7% oд вкупно откупениот тутун годинава“, истакна Николовски.