Имав голема чест изминатите три дена да ја предводам владината делегација на официјалната посета на годинешниот Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Русија. Во последните 24 години, форумот е водечка глобална платформа за членовите на деловната заедница да се состанат и да разговараат за клучните економски прашања со кои се соочува Русија, пазарите во развој и целиот свет. На овој значаен светски настан и годинава присуствуваа владини претставници од многу земји, а учествуваат и многу компании не само од Руската Федерација, туку и од целиот свет“, објави вицепремиерот Љупчо Николовски од рамките на официјалната посета на Економскиот форум во Санкт Петербург, Русија, каде одржа работна средба со заменик-министерот за земјоделство на Русија, Сергеј Левин.
На средбата Николовски и Левин ја потврдија досегашната успешна трговска размена.
Oбемот на трговијата меѓу Македонија и Русија во 2020 година изнесувал 190,3 милиони американски долари, што е повеќе за 6,2% во споредба со 2019 година.
Во исто време, македонскиот извоз во 2020 година достигнал 60,4 милиони американски долари, што е пораст за 15,8 %.
Во првите три месеци од 2021 година извозот на македонските производи изнесува 17,4 милиони американски долари, што е пораст од 66,7%, а увозот изнесува 33,5 милиони американски долари што е намалување од 37.1% во споредба со истиот период од минатата година.
„Руската Федерација е важен трговски партнер на Северна Македонија, особено во делот на трговската размена на земјоделски производи. Значајно е зголемувањето на извозот на македонските земјоделски производи во 2020 кој изнесува близу 29 милиони евра што е за 11% повеќе од 2019 година“, објави Николовски.