Започнавме една нова приказна, која на мое задоволство наиде на голема поддршка од јавноста. Преку програмата за откуп на свежо овошје, вршиме откуп на 743.000 килограми наши домашни јаболка, и ги дистрибуираме до 350 основни училишта ширум државава односно до 186.000 ученици, изјави утрово министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Според него, со овој проект секој ученик добива пакетче од 4 кг убави свежи македонски јаболка.
-Досега се испорачани околу 370 тони јаболка, а очекувам до 15-ти декември успешно да заврши целата дистрибуција до секое училиште до секој еден ученик.И не застануваме тука, веќе во следната 2023 продолжуваме со оваа програма, но покрај јаболката ќе опфатиме и други видови овошје, зеленчук, млеко и млечни производи кои исто така ќе бидат дистрибуирани до основни училишта како здрава ужинка за секое дете, рече Николовски во емисијата „Утринска на Телма“.
Министерот посочи дека крајна цел е оваа програма да прерасне во еден поголем, посеопфатен проект, во кој откупените домашни земјоделски производи ќе може покрај основните училишта да ги добиваат и здравствените установи, детски градинки, припадниците на безбедносните сили, полицијата и армијата.