Николовски: Стопирана ИПАРД програмата поради корупцискиот скандал со директорот на Платежната агенција

„Прашуваме зошто Владата ја криеше оваа одлука од јавноста викендот? Дали власта со премолчувањето на оваа одлука се обидува да ги заштити вмешаните во овој корупциски скандал“, прашува Николовски и додава дека министерот Цветан Трипуновски, „наместо веднаш да преземе одговорност, или свесно ја крие оваа информација од јавноста, или пак уште полошо, е неинформиран“

од Nikola Popovski
18 прегледи

„На денешната прес-конференција сакам да ја информирам јавноста дека информациите коишто ги споделив со вас за можната суспензија на ИПАРД 3 програмата се покажаа како точни. Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3.

Одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици“, соопшти екс-министерот и пратеник од СДСМ, Љупчо Николовски.

Колку за потсетување, притвор заработија петтемина од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството кои се сомничат за давање поткуп и награда за противзаконито влијание. Јавниот обвинител донесе наредба за истражна постапка против осомничените.

Николовски потенцира дека тоа е директна последица на овој голем корупциски скандал и тотален колапс на системот што беше граден седум години заедно со Европската комисија и со многу наши професионалци.

-Седум години дамка не фалеше на овој систем. Седум години не се случи, во периодот на ИПАРД 2, кој се реализираше од 2017 до 2024 година, да има било каков проблем од ваков тип. Напротив, во тој период се склучени и реализирани рекордни 2.400 договори, повеќе од Србија, Црна Гора и Албанија заедно, со сите контроли коишто се направени на терен.

Ова се случува, за жал, само во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2011 година, во ИПАРД 1, за жал останавме со 12% искористеност на европските средства и денеска, во 2025 година, во ИПАРД 3, повторно во време на ВМРО-ДПМНЕ. За оваа одлука, според нашите информации, известена е Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство.

Прашуваме зошто Владата ја криеше оваа одлука од јавноста викендот? Дали власта со премолчувањето на оваа одлука се обидува да ги заштити вмешаните во овој корупциски скандал, прашува Николовски и додава дека министерот Цветан Трипуновски, наместо веднаш да преземе одговорност, или свесно ја крие ова информација од јавноста, или пак уште полошо, е неинформиран, што покажува неспособност и неупатеност во основните процеси во сопствениот ресор.

Според пратеникот, ова е тежок удар врз целиот земјоделски сектор, врз економијата, но и врз европската перспектива на државата.

-Штетите за државата од овој голем скандал креиран од неспособноста на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат големи. Како претседател на Комисијата за земјоделство во Собранието, уште денеска официјално побарав детален извештај од Владата, Министерството и Платежната агенција. Тоа го барам писмено за причините за оваа суспензија, по што ќе иницираме итна тематска седница на Комисијата за да бидат преземени привремени мерки за заштита на земјоделците чијшто проекти се во тек, за да не се загубат веќе направените вложувања, кажа Николовски на прес-конференција.