Николовски: Во Царината има 11 помошници-директори, тоа се луѓе кои работат

од Nikola Popovski
131 прегледи

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски информира дека секој царински службеник има своја задача во Царината и оттаму, како што вели, секој заменик-директор ќе има своја задача.

-Да не сме сметале дека нема потреба, не би дошло до процесов. Верувајте дека и вториот заменик-директор ќе биде максимално искористен со своите должности што ќе му ги дадам како директор. За првпат се случува да имаме за 100 дена, разлика од 49 милиони евра поголема наплата од претходните 100 дена, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Запрашан кои би биле должностите на дополнителниот заменик-директор, Николовски вели дека ќе „имаат поголеми овластувања со кои ќе го менаџира делот што ќе му го предадам како директор“.

-Ќе ги оставиме тие работи да ги договориме кога самиот заменик-директор ќе биде дел од Управата. Има многу сегменти и сектори во ЦУ. Ако ви кажам сега дека има 11 помошници-директори, тоа е баук за народот. Ќе викаат: Чекајте луѓе, 11 помошници? Тоа се луѓе кои што работат и кои што држат сектори. Секоја позиција во Царината е добро систематизирана, додаде Николовски.

Со измените на Законот за Царинска управа, што е предлог на група пратеници од мнозинството, од кои повеќемина се од ЗНАМ на Максим Димитриевски раководната структура во институцијата ќе добие втор заменик-директор.

Предлагачи се пратениците Бобан Карапејовски, Даниела Белимова, Миле Цеков и Павле Арсовски од ЗНАМ, Бојан Стојаноски, Жаклина Пешевска, како и Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ЗНАМ велат дека законското решение, генерално, е на барање на Царинската управа која, како што велат, се соочува со зголемен обем на работа.

Слични содржини