Министерот за земјоделство и шумарство Љупчо Николовски информира дека вечерва во Кавадарци имал отворена и конструктивна дебата со лозарите, производителите на вино, пратениците и градоначалниците од тиквешкиот регион.
-Го слушаме гласот на лозарите и производителите на вино и заеднички, здружено ги решаваме сите предизвици. Во тек е изработка на нов Закон за вино, кој ќе биде функционален, долгорочен и стратешки сеопфатен. Во овој Закон фокусот се става на географските ознаки, заштитата на различни виногорија, но и регистрацијата на организации,коишто се репрезенти на производителите на грозје и вино, наведе Николовски.
Според него, фокусот е ставен на договорното производство и кај секторот на лозарството и винарството,заштитата на различни сорти, а клучна улога во организациите ќе имаат минимум 50% од производителите на вино.
-Како министерство сме секогаш тука да ги штитиме интересите на лозарите и на производителите, како една од најзначајните извозно ориентирани гранки за целокупниот земјоделски сектор, потенцирал Николовски.