Николовски за корупцијата преку ИПАРД програмите: Ова не е изолиран инцидент туку последица на политичко поставување луѓе без интегритет

-Дали поради сето ова Европската комисија веќе денес се подготвува за стопирање на ИПАРД 3 програмата за Македонија, прашува Николовски за скандалот во Платежната агенција

од Nikola Popovski
29 прегледи

„Колку пати алармирав, укажував, зборев во текот на изминатата година – дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби. Предупредував јавно дека ИПАРД 3 ќе крахира. Дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата ИПАРД 3 програма, вредна околу 100 милиони евра, која требаше да биде двигател на македонското земјоделство“ – вели пратеникот и екс-министер за земјоделство, Љупчо Николовски по последниот скандал со поткупот во ИПАРД агенцијата.

Николовски посочува дека уапсен е директор на Агенцијата, фатен на дело при земање мито, токму во институцијата што требаше да ја симболизира европската поддршка за нашите земјоделци, а воедно помогнат и од, како што вели, службеници кои биле дел од кабинетот на министерот Трипуновски.

Според него, ова не е изолиран инцидент, туку последица на политичко поставување луѓе без интегритет.

„Срамно е да се дозволи успехот што го изградивме, 100% искористеност на ИПАРД 2, 2369 договори и реализирани инвестиции да биде доведен во прашање заради корупција и лични интереси.

И сега, дали поради сето ова Европската комисија веќе денес се подготвува за стопирање на ИПАРД 3 програмата за Македонија? Дали ќе има стопирање на сите исплати за веќе реализираните инвестиции, стопирање на потпишување на нови договори и објава на нови повици ?

За само една година успеавте да ја уништите довербата што ја градевме со години, и притоа земјоделците да ја платат цената на вашата корупција и неспособност“, тврди пратеникот.