„За првпат Северна Македонија добива Закон за потекло на имот“, објави вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски.
Според него, со овој Закон, ќе се испитува нелегално стекнат имот и капитал.
„На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, првиот чекор е напрвен. Подготвена е физибилити студија за Законот за потекло на имот, која содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение. Веќе е формирана работна група која започнува со работа за подготовка на Законот за потекло на имот.
Со оваа храбра одлука спроведуваме системски реформи, за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните“, објави Николовски.