Николовски: Замрзнувањето на цените не влијае на приходот на земјоделците

од Nikola Popovski

Замрзнувањето на цените нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните, оцени министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Во анализите што ги има направи ресорот што го раководи, како што изјави, јасно се дефинирани производствените трошоци на земјоделците, но и откупните цени што се плаќаат кон нив.

-Од тие анализи произлегува дека најголем дел од цените што граѓаните ги плаќаат, одат за маржа, не за земјоделците. А во овој момент го немаме тоа домашно производство и затоа целото наше мислење беше дека во овој момент нема проблем во делот на домашното производство на тие производи, односно замрзнувањето и ограничувањето на овие цени нема да влијае на трошоците и на приходот на земјоделците, туку ќе влијае на сите оние кои сакаат да профитираат на грбот на граѓаните. Во целокупната цена, најголема застапеност има маржата, изјави Николовски, на новинарско прашање пред јавната дискусија за упростување на постапките за дозволи за објекти за примарна обработка на земјоделски производи.

Во МЗШВ вчера се одржал состанок со земјоделците од оранжериското производство и нивните барања, како што најави, ќе бидат разгледани за да се види колкави се трошоците.

-Станува збор за оранжериско производство каде цената на чинење на производство е повисока, меѓутоа Министерството и минатата година беше подготвено во секој поглед да ги поддржи земјоделците. Ќе ги проанализираме овие податоци, но знам дека денес премиерот има состанок со повеќе министри за замрзнувањето и верувам дека ќе има повеќе податоци, рече Николовски.

Тој нагласи дека не ги анализираат увозните цени, туку домашното производство.

-Немаме надлежности да испитуваме и да утврдуваме цена на чинење на производи од Албанија или од Србија. Тоа не е во надлежност на МЗШВ. Јас можам да одговарам за она што е со факти и аргументи и така правам секојдневно. Ние мора да ги заштитиме земјоделците заради тоа што не може со маржи што се ставени на домашните производи на крајот некој да профитира во време на криза, рече Николовски.

Додаде дека сме единствена држава во регионот која има дадено поддршка за 40 проценти за субвенционирање на вештачкото ѓубре кога се утврди дека цената е покачена за над 100 проценти.

Со одлука на Владата од вчера се определени највисоките цени во трговијата на мало за свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. Килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.

Слични содржини