Николовски: Завршува изградбата на системот за наводнување Салвишко Поле, овој нов и модерен систем во јули стартува со работа

од Берта Китинска
163 прегледи

Системот за наводнување Славишко Поле е во завршна фаза и летово, кон крајот на јули ќе биде пуштен во употреба.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во присуство на претставници на Европската Делегација, градоначалниците на Ранковце и Крива Паланка и претставници на фирмата изведувач и фирмата надзор изврши увид во градежните активности на системот Славишко Поле, кој се наоѓа во североисточниот дел на државата, во општина Ранковце, покрај Крива Река.

„Со голема чест изјавувам пред граѓаните дека успешно завршуваме уште еден систем за наводнување. Задоволството е огромно бидејќи системот е речиси целосно завршен, во моментов има 99% реализација и до крајот на јули ќе биде пуштен во употреба. Системот е изграден со поддршка од Европската Унија во вредност од 1.7 милиони евра. Со новиот модерен систем за наводнување опфатени се околу 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци. Стариот систем за наводнување беше нефункционален и можеше да наводнува само 40 хектари. Новиот систем ќе наводнува пет пати повеќе. Бенефит ќе имаат сите жители од општина Ранковце, а најголем е придонесот за семејствата кои се занимаваат со земјоделско производство” изјави министерот Николовски.

Земјоделци од општина Ранковце, повеќе нема да имаат проблеми со наводнувањето, бидејќи новиот систем е модерен и ќе овозможи интензивно, квалитетно, стабилно и редовно наводнување на земјоделските култури. Системот е проектиран да работи под притисок со што ќе овозможи користење на прскалки или системи за наводнување капка по капка. Со тоа вкупната ефикасност на наводнувањето е високи 80%.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги следи и практикува насоките за заштита на животната средина и рационално користење на природните ресурси. Затоа, главниот извор на вода е Крива Река чиј капацитет е доволен да овозможи стабилно наводнување, а системот Славишко Поле е модерно изграден за да штеди вода, да нема загуби и рационално да се користи водата од реката” рече министерот Николовски.

Земјоделците се најважната компонента во процесот на производство на храна. Ние како Министерство креираме мерки за поддршка, градиме брани и системи за наводнување, овозможуваме нови хектари државо земјоделско земјиште, субвенционираме набавка на трактори, комбајни, силоси, мандри, опрема, ги мотивираме жените и младите и помагаме секаде каде има потреба. Никој не е оставен сам, се грижиме за секој земјоделец. Создаваме услови за модерно земјоделство, а системите за наводнување кои ги градиме речиси низ целата држава, се клучни за висок квалитет и богат род.

Министерот Николовски упати благодарност до Европската Делегација за поддршата која ја добиваме за ваквите капитални проекти, им се заблагодари и на изведувачите, на надзорот, на сите работници и инженери со чие залагање заедно градиме во интерес на дражавата и во интерес на нашите земјоделци.

Слични содржини