Светската антидопинг агенција (ВАДА) одлучи да не поднесе жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана (CAS) на пресудата на Јаник Синер во случајот со допинг скандалот, па Италијанецот повеќе не мора да стравува од одземање на титули и освоени бодови откако во март двапати падна на допинг тест.
Иако многумина се надеваа на поинаков исход, односно брза реакција од чадор-организацијата во овој домен, се покажа дека случајот со употребата на забранетата супстанца клостебол нема епилог каков што веројатно би имал, доколку се работеше за некои други тенисери.
И поранешната Гренд слем шампионка Симона Халеп упорно тврдеше дека не е виновна што некоја друга супстанца и влегла во крвта, објаснувајќи го тоа како несреќна комбинација на околности, но мораше да „одлежи“ долга суспензија, додека Синер се извлече само со мала парична казна и со одземање само 400 АТП поени. Аферата беше откриена едвај половина година по спорниот настан.
Бидејќи ниту италијанската антидопинг агенција (НАДА) не поднесе жалба, според „Кориере дела сера“, новопечениот шампион на УС Опен ќе го задржи тој трофеј, пехарот од Мастерсот во Мајами, титулата од Синсинати и круната од Хале, а нема да му се избришат ниту бодовите земени во Индијан Велс и Монте Карло, четвртфиналето во Мадрид, полуфиналето на Ролан Гарос, четвртфиналето на Вимблдон и четвртфиналето во Монтреал.