Уставни измени под бугарски диктат ниту сум прифатил, ниту некогаш ќе прифатам, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашната трибина во Гевгелија насловена „Борба против корупцијата и криминалот“.
-За една иста средба за која и самите рекоа дека е неуспешна, тие излегуваат и велат дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило безусловно уставни измени. Граѓаните, медиумите, експертите знаат дека не е така, а лудо настојчиво лажат за нешто што е очигледно – дека уставни измени под бугарски диктат ниту сум прифатил, ниту некогаш ќе прифатам. Лажат затоа што друго немаат што да прават, рече Мицкоски.
Нагласи дека се дегутантни аукциите и лицитациите кои секој ден се случуваат координирано од ДУИ и СДСМ за нови функции за ВМРО-ДПМНЕ.
-Мене ниту ми е до позиции, ниту на ВМРО-ДПМНЕ му е до функции особено не кога е загрозена Македонија и кога народот е под блокада и нема иднина. Доста беше поткусурување со идентитетот и блокада на интеграциите. Измените на Уставот може да поминат само со заштитен идентитет, обезбедена иднина и целосна и непречена карта за влез во Европската Унија. Благодарение на пратениците, на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ кои се вистинскиот бедем во македонскиот парламент, уставни измени под бугарски диктат нема да има, рече Мицкоски.