Нивниот погреб се уште се импровизира: Скопјани како знаат и умеат си ги закопуваат своите миленици

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Главниот град на С. Македонија е еден од ретките во Европа кој нема гробишта за домашни миленичиња.

Голем број сопственици на животни имаат проблем да ги закопаат своите домашни миленичиња откако ќе починат. Фрлање во контејнер, закопување зад зграда или во дворот на куќата, по планини…. се едни од местата каде сопствениците решаваат да ги закопаат своите пријатели.

Поради фактот што на територија на Скопје сѐ уште нема гробишта за миленичиња, сопствениците се принудени да се снаоѓаат каде ќе стигнат. Од ветеринарната амбуланта, „Ремедиум вет“ во изјава за „Локално“ велат дека се уште не слушнале за предлогот гробишта за миленици, а пречки за реализација може има или воопшто да нема.

– Потребно е сето тоа да биде лесно достапно и евтино. Од мое лично искуство вечното почивалиште на миленикот е временски ограничено насекаде во светот. На пример ако сакаат гробно место од 5 години чини …. ххх сума. Или само кремирање и моштитте да си ги чуваат дома, велат од амбулантата.

Од таму додаваат дека сопствениците на миленици, секогаш ги консултираат за закопување, но за жал, како ветеринари, немаат никаков добар предлог.

– Некои од нив ги закопуваат во свиоте дворови, некој за жал мораат тоа да го сторат во јамите за мртви животни во Дрисл, велат од „Ремедиум вет“.

Ветеринарната амбуланта информира дека база или регистар за умрени миленици моментално нема во државава.

– Не е важно дали градот Скопје, Бутел АД или посебно претпријатие ќе биде задолжено за погребот. Важно е да имаме гробишта за миленици, велат ветеринарите и додаваат дека има потреба и од крематориум, во склоп на предвидените гробишта.

Скопјани како знаат и умеат си ги закопуваат своите миленици

Ангел Ѓоргиев е само еден од многуте сопственици на миленици кој на своја кожа ја почуствува неможноста достоинствено да го испрати својот долгогодишен миленик-куче од расата мопс.

– Мојот миленик по десет години живеење во нашето семејство почина пред неколку месеци.Разделбата беше многу тешка, а закопот моравме да го спроведеме во дворот на нашата викендичка во Соње затоа што живееме во зграда. Голем број на мои пријатели кои немаат вкава можност се присилени своите миленици да ги закопаат во блиските излетнички места: Сарај, Матка, на Водно, или на кејот на Вардар. Се надевам надлежните ќе одговорат на нашите апели и наскоро ќе видиме легални гробни места за миленици, вели Ангел.

И скопјанката Анита Христовкса упатува апел до надлежните да се направат гробишта за миленици за да можат сопствениците достоинствено да ги испратат во вечните почивалишта.

-Пред две години ми почна мачката сијамка.Загубата за нашето семејство беше голема.Немам зборови со кои би ја опишала тагата по нашата мачка Луна.Бидејќи живееме во зграда бевме приморани среде ноќ да отидеме на дивите гробишта за миленици на Водно и таму да се простиме од нашиот миленик. Постојат казни доколку ве фатат дека нелегално го закопувате вашиот миленик, а не ни се нуди можност да ги погребаме на гробишта за миленици. Скопје е голем град каде голем број на фамилии чуваат мленичиња верувајте ми дека не е едноставно да го спакувате во кеса и да го фрлите во контејнер, објаснува Анита.

Согласност со одлуката за комунален ред, погребувањето на миленичиња на јавни површини е казниво и ако некој биде фатен во тоа, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.

Иако кај нас овој проблем сè уште се игнорира, во нашето соседство веќе се отвораат гробишта за миленици.

Во Хрватска, на пример, освен што има гробишта за миленичиња, постои и крематориум, а за тоа како ќе биде третирано починатото милениче, одлучуваат неговите сопственици.

Во Србија, засега има само крематориум, а во изградба е и вечно почивалиште за милениците, која би требало да биде готово до крајот на годината.

– Комплексот ќе содржи 820 гробни места по ред, планирани се уште 730 гробни места во пошумениот дел на гробиштата, а предвидени се 730 места за урни. По завршувањето на изградбата, објектот ќе биде предаден на надлежната организациска единица на градот, а користењето и одржувањето ќе го врши надлежното јавно комунално претпријатие, соопшти пред неколку месеци Дирекцијата за градежно земјиште изградба на градот Белград.

Н.П.

Слични содржини