Лех Валенса, поранешен полски претседател и херој на борбата против комунистичката диктатура, потпиша писмо до американскиот претседател Доналд Трамп во кое изразува „загриженост“ поради неговата расправија со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Поранешниот лидер на синдикатот „Солидарност“ и добитник на Нобеловата награда за мир го објави текстот на писмото на Фејсбук, потпишано од 39 поранешни полски политички затвореници.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба во петокот, Трамп го обвини Зеленски дека е неблагодарен кон САД, дека се коцка со Третата светска војна, дека е полн со омраза кон рускиот претседател Владимир Путин и дека „картите не се во негови раце“.
Не е потпишан договор за ретки минерали
„Го следевме вашиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски со вознемиреност и згрозеност. Ги сметаме навредливи вашите очекувања за тоа како да се покаже почит и благодарност за материјалната помош на САД за Украина во нејзината борба против руската офанзива“, се наведува во писмото.
„Треба да им се покаже благодарност на херојските украински војници кои ја пролеаа својата крв за да ги бранат вредностите на слободниот свет“, додава Валенса.
Зеленски ја напушти Белата куќа по спорот со Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, пред најавеното потпишување на договорот за ретки минерали.
Валенса ја спореди атмосферата за време на тој состанок со „испитувањата на безбедносните служби и комунистичките судови“.
Тој, исто така, ги повика САД да ги исполнат безбедносните гаранции дадени на Украина во 1994 година по распадот на Советскиот Сојуз. „Овие гаранции се безусловни: нема ниту збор за третирање на таквата помош како економска размена“, се вели во писмото.
Актуелниот полски претседател Анджеј Дуда во саботата рече дека Зеленски треба да се врати на преговорите со САД.